Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, ги отфрли шпекулациите за наводни милионски трансфери на пари од Србија кон Македонија преку Алта банка, тврдејќи дека проверките покажале оти станува збор за редовни деловни плаќања на клиентите.
Во гостувањето во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма, Славески изнесе конкретни податоци за финансиските трансакции реализирани по изборите во Србија, нагласувајќи дека од Алта банка Битола кон Србија биле префрлени 180.000 евра, додека во обратна насока, од Србија кон Македонија, пристигнале само 16.000 евра.
„Повторувам, 180.000 евра се нормални, редовни плаќања од Алта банка, преку Алта банка Битола, до Србија. Тоа се проверени трансакции. Станува збор за некои мали бизниси во Македонија кои увезуваат стока и вршат плаќања“, изјави Славески.
Тој посочи дека уште помал е износот на парите што во истиот период пристигнале од Србија во Македонија.
„Што е поинтересно, во земјата од Србија влегле само 16.000 евра по изборите, до овој момент. Станува збор за трансакции поврзани со редовното работење на клиентите на банката. Никакви милиони, никакви трансфери, никакво перење и така натаму“, нагласи гувернерот.
Славески упати апел до јавноста, политичките субјекти и медиумите да престанат со ширење непроверени информации, предупредувајќи дека создавањето паника во банкарскиот сектор може да има сериозни последици.
За да ја илустрира опасноста од ширење паника, гувернерот направи споредба со ситуација во која некој лажно би извикал дека има пожар во преполн ноќен клуб, предизвикувајќи стампедо.
„Да ја искористам оваа прилика да сугерирам да се престане со тие шпекулации, затоа што сите овде имаме одговорност“, порача Славески.
На новинарската забелешка дека дел од информациите за случувањата во Алта банка Белград биле објавувани и претходно, а дека останува отворено прашањето дали средства од Србија биле префрлени во други држави, Славески посочи дека евентуалните трансфери надвор од Македонија треба да бидат предмет на проверка на надлежните институции во Србија.
Гувернерот нагласи дека Народната банка располага со податоци за трансакциите поврзани со македонската банка и дека тие, според него, не ги потврдуваат тврдењата за големи приливи на сомнителни средства од Србија.
Изјавите доаѓаат во период на засилено внимание на јавноста кон работењето на Алта банка, по случувањата со нејзиниот сопственик во Србија и воведувањето привремени мерки во македонската банка.