Кој каде треба да застане за фотографирање? Токму тој момент го одбележа утринскиот пречек на лидерите на самитот Брдо-Бриони во Охрид. Камерата на 4news.mk го забележа мигот кога словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар со прст покажа кон белите ознаки на подиумот, а Гордана Сиљановска-Давкова и Зоран Милановиќ погледнаа надолу за да видат каде им е местото.
Тројцата домаќини ги пречекуваа гостите еден по еден. Со некои од нив Сиљановска-Давкова се ракуваше, со други размени и прегратка, а потоа заедно се вртеа кон фоторепортерите. Во еден од кадрите Милановиќ ги рашири рацете додека македонската претседателка со насмевка го гледаше од другата страна на подиумот.

Меѓу новинарските екипи најголем интерес предизвика пристигнувањето на Александар Чупиќ, новиот претседател на Народното собрание на Србија, кој воедно ја врши и должноста претседател на државата. Охрид е неговата прва официјална посета во странство откако ја презеде функцијата. Чупиќ, пратеник од листата „Студентите победуваат“, беше избран за претседател на парламентот во трка со Стојан Раденовиќ, кандидатот на листата на Александар Вучиќ.


Погледнете го пристигнувањето на лидерите низ објективот на 4news.mk. Нашата екипа е во Охрид и ги следи сите настани од самитот.
Магента, црна и темносина – како беа облечени лидерите на пречекот во Охрид?
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги пречека гостите во црн фустан со широк ремен. На еднобојниот фустан се истакнуваа златестите копчиња и геометриската тока на половината. Црната боја му даваше свечен изглед на кројот, а во крупните кадри вниманието го привлекуваа нејзината насмевка и начинот на кој ги поздравуваше гостите.

На фотографиите од пречекот на самитот Брдо-Бриони во Охрид, погледот најлесно ја наоѓа словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар. Таа носеше сако во боја на магента, со црна блуза и црни панталони. Токму поради контрастот со темната облека на другите лидери, особено се забележа нејзиниот гест кога со рака покажа кој каде треба да застане за фотографирањето.

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ избра класична дипломатска комбинација – темен костум, бела кошула и сина вратоврска. До него, Александар Чупиќ, претседателот на српското Народно собрание и вршител на должноста претседател на Србија, исто така носеше темен костум и бела кошула, но со бордо вратоврска. На заедничката фотографија, сината и бордо вратоврската беа најјасната разлика меѓу двете слични комбинации.






