Македонското Собрание добива две телевизиски студија опремени со најсовремена техника за реализација на телевизиска програма. Преку разна програма која ќе се произведува во парламентот, целта е граѓаните повеќе да бидат информирани за работата на законодавниот дом.
Новото студио од каде што ќе се емитува програмата е опремено, а паралелно со Нацрт програмата, се работи и на доекипирање на Собранискиот канал со новинари и друг персонал. Според неофицијални информации на 4NEWS.mk ќе има две телевизиски студија кои најверојатно ќе може да ги користат и новинарите кои известуваат за работата на Собранието.
Според Парламентарниот институт, целта е заедно со набавената опрема за модерно ТВ студио на законодавната власт и ангажираните вработени да се развие модерно емитување на агендата на Собранието и да се прикажуваат едукативни емисии за законодавната власт, други знаменитости, ре-емитување на програма од Европскиот парламент и друго.
– Минатиот месец се одржа работилница за подготовка на Нацрт – програмата на Собранискиот канал на која учествуваа 31 вработен од службата на Собранието, генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова, како и претставници од МРТ, Националниот демократски институт (НДИ) и економски оператори, информира Парламентарниот институт на „Фејсбук“.
Собранискиот канал според последниот извештај на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) согласно телефонска анкета, 1,63% од граѓаните рекле дека минатата недела гледале Собраниски канал.