Македонија

Сомнежи за шпионажа во Кабинетот на претседателката: Обвинителството без пристап до снимките, се истражува можно оддавање тајни

Сомнежи за шпионажа во Кабинетот на претседателката: Обвинителството без пристап до снимките, се истражува можно оддавање тајни

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција веќе неколку месеци води предистрага за можни недозволени активности во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, поврзани со сомнежи за извлекување и енкриптирање доверливи податоци, пишува Слободен Печат.

Како што наведува порталот, до редакцијата и до Обвинителството била доставена анонимна кривична пријава потпишана од „група вработени во МВР“, во која се тврди дека од компјутерскиот систем во Кабинетот на претседателката биле копирани и шифрирани податоци, со сомнеж дека можеле да завршат кај странски разузнавачки служби.

Во пријавата под сомнение е ИТ-администратор во Кабинетот, за кого се тврди дека копирал и складирал доверливи материјали, а се споменуваат и други лица од Кабинетот и од разузнавачките структури, за кои постојат сомнежи дека евентуално учествувале во прикривање докази.

Од Обвинителството за „Слободен печат“ потврдуваат дека предистрагата е отворена уште во декември минатата година, по известување од Секторот за компјутерски криминал при МВР. Според обвинителите, биле издадени наредби за анализа на компјутерска опрема, мобилни телефони и електронски податоци, но досега не бил доставен конечен извештај за содржината на евентуално извлечените информации.

Дополнителен сомнеж во случајот, според пишувањето на „Слободен печат“, предизвикува фактот што Обвинителството сè уште не успеало да обезбеди копии од снимките од безбедносните камери во Кабинетот на претседателката. Од Кабинетот посочиле дека не располагаат со видеозаписите, бидејќи системот бил набавен преку Службата за општи и заеднички работи, додека СОЗР тврди дека само ја набавила опремата и дека снимките се во надлежност на МВР.

Од Министерството за внатрешни работи потврдиле дека се одземени компјутерска опрема и мобилни телефони и дека е во тек анализа на електронските докази, но не дале одговор зошто сè уште нема доставено видеоснимки до Обвинителството.

Извор: Слободен печат

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни