Сообраќајот на граничниот премин „Евзони“ („Богородица“ од македонска страна) од 19 часот е во целосен прекин за сите видови возила поради блокади од страна на грчките земјоделци, соопшти АМСМ.
На останатите државни патишта во земјава сообраќајот се одвива непречено, по претежно суви коловози.
АМСМ потсетува дека од 15 ноември започна законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на временските услови, која ќе важи до 15 март 2026 година.
Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува возачите да ја прилагодат брзината на движење, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да управуваат внимателно, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои можност за појава на одрони. Ова особено важи за делниците: Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
