Сообраќајот на државните патишта утрово се одвива без поголеми застои и пречки, информира Автомотосојузот на Македонија (АМСМ). Коловозите на повеќето патни правци се влажни, а интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен.
На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ апелира возачите да ја прилагодат брзината на условите на патот, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да управуваат внимателно, особено на делниците низ котлините, речните долини и клисурите, каде што е можна појава на одрони.
Посебна внимателност се препорачува на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Во рамки на сезонскиот режим на сообраќај, патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица од 17 април 2025 година е повторно отворен за сообраќај за возила со тежина до 3,5 тони.