Состојбата на Ивица Дачиќ е постабилна, но и натаму сериозна

Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, кој е хоспитализиран поради билатерална пневмонија, и натаму се наоѓа во сериозна состојба, но во моментов таа е нешто постабилна во однос на вчера, соопшти помошникот-директор за пулмологија Спасоје Попевиќ, кој го води неговото лекување.

Како што изјави утрово, Дачиќ е на механичка вентилација, што, според него, овозможило стабилизирање на состојбата.

– Тој е сè уште во сериозна состојба, борбата продолжува. На механичка вентилација е и токму благодарение на тоа успеавме да ја стабилизираме неговата состојба во овој момент. Не можам да кажам дека е подобро, прерано е за таква оценка, но во споредба со вчера, ситуацијата е постабилна – рече Попевиќ.

Тој нагласи дека медицинскиот тим продолжува со примена на сите мерки за интензивна нега и дека јавноста редовно ќе биде информирана.

– Следната изјава ќе биде вечерва, доколку не се случи нешто вонредно. Во тој случај, јавноста ќе биде навремено известена. Апелирам до медиумите да покажат разбирање за семејството и пријателите на министерот Дачиќ и да се воздржат – изјави Попевиќ за телевизијата Информер.

Тој уште еднаш повтори дека состојбата на министерот во моментов е стабилна, но и понатаму сериозна.