Поранешниот министер за внатрешни работи и пратеник Оливер Спасовски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ изјави дека постојат индиции оти освен актуелната министерка за енергетика, и други функционери, меѓу кои министри и пратеници, поседуваат бугарски пасоши, но нагласи дека не сака да шпекулира без конкретни факти.
– Индиции има и за пратеници и за министри. Но, не би сакал да шпекулирам, бидејќи зборувам само врз основа на факти – рече Спасовски.
Тој истакна дека суштинското прашање не е кој поседува двојно државјанство, туку дали државата треба законски да утврди дека носителите на високи функции можат да имаат само македонско државјанство.
– Ако сме за тоа функционерите да имаат само македонско државјанство, тогаш веднаш да донесеме законски решенија и да им кажеме на граѓаните дека од денеска само тие што имаат македонско државјанство ќе можат да служат во високите државни институции – изјави тој.
На прашањето дали и во СДСМ има функционери со странски државјанства, Спасовски рече дека нема такви информации, но не ја исклучи можноста, потсетувајќи дека Уставот дозволува повеќе државјанства.
– Уставниот поредок предвидува дека можете да имате повеќе од едно државјанство и тоа е сериозно прашање. Ако сакаме државните функционери да ѝ служат само на Македонија, а не на други интереси, тогаш треба да се отвори таа дебата – рече Спасовски.
Тој додаде дека неговата партија веќе поднесувала законски решенија во таа насока, но тие биле одбиени.
– Ние сме подготвени и поднесувавме законски текстови, но беа одбиени. Тие што денес се претставуваат како големи патриоти, ги одбија предлозите според кои функционерите би имале само македонско државјанство – истакна Спасовски.