Носителот на листа на кандидати за пратеници од Изборна единица 2, предводена од СДСМ и „Коалицијата за европска иднина“, Оливер Спасовски денеска на прес конференција порача дека само две недели не делат од големата одлука.
„Само две недели не делат од големата одлука, од изборот меѓу надеж и безнадежност, меѓу просперитет и зачмаеност во минатото, меѓу интеграција и целосна изолација. Затоа овие парламентарни се исклучително важни, ги повикувам граѓаните со посебна одговорност да ја определат иднината на нашата татковина. Одговорност која ја имаме кон нашите претци, кон нас самите, а посебно кон нашите деца. Дали ќе им помогнеме да ги спакуваат куферите давајќи им карта во еден правец кон некоја одредница како резервна татковина или ќе ги засукаме ракавите да го завршиме започнатото и Европа да ја донесеме тука“, вели Спасовски.
Тој вели дека сега е време за имплементирање на европските стандарди во секој сегмент од општеството што би донело многу за секој од нас.
„Корупцијата ја демаскиравме, отвораме истраги, бараме одговорност од сторителите, бесправно стекнатото го враќаме на граѓаните. Наш приоритет и во наредниот период останува нула толеранција за корупцијата! Борбата ја започнавме. И тоа од нашите редови! СДСМ го покажа она што не можеше ни да се замисли во време на режимот – дека нема повластени личности, нема заштитени криминалци, нема недопирливи фамилии… Покажавме дека тој што се огрешил мора да одговара. Корупцијата не е поголема од претходно, напротив! Поголема е перцепцијата за неа, бидејќи пожестока е борбата против неа“, вели Спасовски.
Тој додава дека доказ за посветената работа во борбата со корупцијата е скокот од 85 на 76 место на Индексот на перцепција на корупцијата на Transparency International.
„Од заробена држава во времето на 11-годишниот режим на ВМРО-ДПМНЕ, во која се апсеа новинари, а бројни медиуми се затворија затоа што не играа како што свиреше фамилијата, минатата година во извештајот на Репортери без граници бевме рангирани на 38-то место во светот, со скок од 80 места во однос на 2016 година и прва во регионот за слободата на медиумите. МВР, од крајно затворена институција го трансформиравме во институција со транспарентност од просечни 59.5% во 2016, до високи 87.5% во 2023. Во наредните четири години ќе започнеме силна борба и со корупцијата во правосудството, низ системска проверка на потеклото на имотот и конечно спроведување на процесот на „ветинг“ за сите судии и јавни обвинители“, порача Спасовски.