Пратеникот и поранешен министер за внатрешни работи Оливер Спасовски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ изјави дека предлогот функционерите да имаат само македонско државјанство бил инициран како одговор на законските измени предложени од ВМРО-ДПМНЕ за пратениците, но оцени дека владејачкото мнозинство подоцна се повлекло од сопствените ставови.
Спасовски објасни дека СДСМ предложил измени на Законот за Влада со кои министрите би можеле да бидат избрани само ако поседуваат исклучиво македонско државјанство.
– Предложивме министрите во Владата да можат да бидат избрани само доколку имаат едно државјанство, односно македонско државјанство – рече Спасовски.
Тој потсети дека иницијативата следела откако пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и Антонио Милошоски, поднеле измени на Законот за пратеници со став дека народните избраници треба да имаат исклучиво македонско државјанство.
Според Спасовски, иако Уставот дозволува повеќе државјанства, ВМРО-ДПМНЕ го отворило прашањето поради јавните дебати за можни бугарски пасоши кај одредени функционери.
– Ние рековме: да, се согласуваме. Да важи веднаш и за пратениците и за министрите. Секој што сака да служи на граѓаните и да носи одлуки во име на Македонија, да има само македонско државјанство – изјави тој.
Спасовски нагласи дека кај министрите веќе постојат потврдени случаи на двојни државјанства, посочувајќи ја министерката за енергетика, која јавно признала дека поседува повеќе државјанства.
– Имаме потврден случај на министер со повеќе државјанства. Еве шанса, да го донесеме законот и да кажеме дека секој што сака да одлучува во име на граѓаните ќе мора да ја дели судбината со нив и да има само македонско државјанство – рече Спасовски.
Тој оцени дека е нелогично функционери да носат важни државни одлуки, а истовремено да имаат „резервна опција“ за живот во друга држава.
– Не може да носите одлуки овде, а утре ако не ви одговара, да си заминете таму каде што имате друго државјанство. Ќе останете овде и ќе ги делите проблемите со граѓаните – истакна тој.
Според него, владејачкото мнозинство не го поддржало предлогот за министрите поради политички калкулации и внатрешни коалициски односи.
– И ВМРО-ДПМНЕ и нивните партнери не гласаа за нашиот предлог. Прво го поддржаа законот за пратеници, а потоа ја блокираа постапката. Тоа покажува дека целата работа беше чист популизам – рече Спасовски.
Тој додаде дека дури и да се донесе таков закон, ќе биде тешко практично да се спроведе без механизми за проверка и меѓудржавна соработка.
– Треба да докажете дека некој има друго државјанство, а тоа не е едноставно. Затоа велам дека беше понудено популистичко решение, без реален план за спроведување – оцени Спасовски.
Во разговорот тој ја критикуваше и, како што рече, декларативната политика по трагедијата во Кочани, наведувајќи дека наместо суштински реформи, биле намалени критериумите за раководни кадри во институциите.
– Наместо системски промени, се намалуваат критериумите за раководителите во институциите. Тоа не е реформа на системот – порача Спасовски.