Пратеникот и поранешен министер за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека предлогот функционерите да поседуваат исклучиво македонско државјанство произлегол како реакција на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за измени на Законот за пратеници, но оцени дека владејачкото мнозинство подоцна се повлекло од сопствените позиции.
Во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Спасовски објасни дека СДСМ предложил измени на Законот за Влада со кои министрите би можеле да бидат избрани само доколку имаат едно, односно македонско државјанство.
„Предложивме министрите во Владата да можат да бидат избрани само доколку имаат едно државјанство, односно македонско државјанство“, изјави Спасовски.
Тој потсети дека иницијативата следела откако пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и Антонио Милошоски, предложиле измени на Законот за пратеници според кои народните избраници би требало да имаат исклучиво македонско државјанство.
Според Спасовски, иако Уставот дозволува повеќе државјанства, прашањето било отворено по јавните дебати за можни бугарски пасоши кај одредени функционери.
„Ние рековме: да, се согласуваме. Да важи веднаш и за пратениците и за министрите. Секој што сака да служи на граѓаните и да носи одлуки во име на Македонија, да има само македонско државјанство“, рече Спасовски.
Тој нагласи дека кај министрите веќе има потврдени случаи на двојни државјанства, посочувајќи ја актуелната министерка за енергетика, која јавно признала дека поседува повеќе државјанства.
„Имаме потврден случај на министер со повеќе државјанства. Еве шанса, да го донесеме законот и да кажеме дека секој што сака да одлучува во име на граѓаните ќе мора да ја дели судбината со нив и да има само македонско државјанство“, изјави Спасовски.
Тој оцени дека е нелогично носители на високи функции да одлучуваат за државата, а истовремено да имаат можност да заминат во друга земја каде што поседуваат државјанство.
„Не може да носите одлуки овде, а утре ако не ви одговара, да си заминете таму каде што имате друго државјанство. Ќе останете овде и ќе ги делите проблемите со граѓаните“, истакна Спасовски.
Според него, владејачкото мнозинство не го поддржало предлогот за министрите поради политички и коалициски калкулации.
„И ВМРО-ДПМНЕ и нивните партнери не гласаа за нашиот предлог. Прво го поддржаа законот за пратеници, а потоа ја блокираа постапката. Тоа покажува дека целата работа беше чист популизам“, рече Спасовски.
Тој додаде дека и евентуалното донесување на ваков закон би се соочило со практични проблеми во спроведувањето, особено околу проверката на државјанствата и потребата од меѓудржавна соработка.
„Треба да докажете дека некој има друго државјанство, а тоа не е едноставно. Затоа велам дека беше понудено популистичко решение, без реален план за спроведување“, оцени Спасовски.
Во текот на разговорот тој се осврна и на состојбите по трагедијата во Кочани, критикувајќи ги, како што рече, декларативните политики наместо суштински реформи.
„Наместо системски промени, се намалуваат критериумите за раководителите во институциите. Тоа не е реформа на системот“, порача Спасовски.