Македонија

Спасовски за шпионажата кај Давкова: Кадрите ги следеа скандали, од самиот старт се покажа дека намерата не е заштита на државата, туку заштита на партијата

Спасовски за шпионажата кај Давкова: Кадрите ги следеа скандали, од самиот старт се покажа дека намерата не е заштита на државата, туку заштита на партијата

Случајот со наводното криптирање податоци во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од страна на ангажирано ИТ-лице, кои наводно биле наменети за странски служби, предизвика сериозни реакции во јавноста. По официјалната потврда дека за овој случај веќе е отворена предистрага, со свој став излезе пратеникот и поранешен министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Спасовски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ побара Обвинителството и надлежните институции итно да го расчистат овој случај и да дадат сериозен одговор, потенцирајќи дека ваквите информации будат оправдана загриженост кај граѓаните.

Зборувајќи за состојбите во безбедносниот сектор, поранешниот министер укажа на низа пропусти и скандали кои ги следеа кадровските промени во клучните разузнавачки структури од почетокот на мандатот на новата власт.

„Самиот пристап кон промената и именувањето на кадрите во двете агенции, и во АНБ и во Агенцијата за разузнавање, беа пропратени со одредени скандали во делот на именувањето. Од самиот старт се покажа дека намерата не е заштита на државата, туку заштита на партијата и на партиските кадри“, истакна Спасовски.

Тој додаде дека институциите мора да бидат максимално одговорни и наместо партиски калкулации, да понудат транспарентност.

Пратеникот се осврна и на, како што рече, контрадикторните пораки кои подолг период доаѓаат од државниот врв, кои дополнително ја поткопуваат довербата во стабилноста на државата.

„Некогаш излегува информација дека имаме загрозеност на државата, па после тоа се демантира таа информација. Уште од почетокот на мандатот, премиерот Мицкоски велеше дека имаме нарушување на безбедносната состојба, дека ќе дојде до дестабилизација… па сето тоа се одложуваше од месец во месец. Сето тоа покажува дека ние немаме стабилност во овој сектор“, потенцира тој.

За Спасовски, фактот што вакви сериозни сомнежи за шпионажа и истекување информации се врзуваат директно со Кабинетот на претседателот на државата, претставува црвен аларм. Тој ги повика надлежните органи да не дозволат случајот да остане во зоната на шпекулациите.

„Ако денес имаме информации во јавноста дека нешто се случува во самиот кабинет на претседателот на државата, тоа е сериозна порака на загриженост за сите нас како граѓани и треба час поскоро да се расчисти“, заклучи Спасовски, потсетувајќи дека во минатото секој настан – вклучително и пожарите во Скопје – лесномислено се прогласуваа за „хибридни закани“ без соодветна завршница и сериозна институционална анализа.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни