Македонија

Спречено нелегално истурање градежен шут во Ново Лисиче, следуваат казни до 80.000 евра

Спречено нелегално истурање градежен шут во Ново Лисиче, следуваат казни до 80.000 евра

Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, спречил обид за нелегално истурање градежен шут на дива депонија во Ново Лисиче. За случајот објави видеоснимка на социјалните мрежи, на која се гледа како бара интервенција од инспекциските служби и полицијата, додека возачот на камионот кој го истоварал шутот му овозможува телефонски разговор со сопственикот на фирмата. Според снимката, возачот потоа го напуштил местото.

Од Општина Аеродром информираат дека случајот е пријавен во Министерството за внатрешни работи и дека е составен записник. На терен веднаш излегол инспектор за животна средина од општината, а за понеделник е најавено повикување на фирмата, на која ќе ѝ биде врачено решение за казна поради загрозување на животната средина.

Според општината, предвидените санкции за ваков прекршок се движат од 9.000 до над 80.000 евра, во зависност од големината и видот на фирмата.

„Додека граѓаните, институциите и волонтерите се обединуваат во рамки на ‘Генералка Викенд’ за почиста околина, денес спречив обид за нелегално истурање градежен шут на дива депонија во Ново Лисиче“, напиша Митески на Фејсбук.

Тој додаде дека ваквото „неодговорно и несовесно однесување мора јавно да се осуди“, особено во период кога се спроведуваат акции за почиста и поздрава животна средина.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни