Македонија

Средба на претседателот Пендаровски со претставници на Сојуз на здруженија на дијабетичари

Средба на претседателот Пендаровски со претставници на Сојуз на здруженија на дијабетичари

Претседателот Стево Пендаровски, во пресрет на Светскиот ден за борба против дијабетесот – 14 ноември, денеска прими претставниците на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Северна Македонија – СЗДСМ.

На средбата, соговорниците разговараа за тековните активности на 25-те здруженија кои ги обединува Сојузот, а коишто се насочени кон подобрување на квалитетот на животот на лицата со дијабетес. Претставниците на Сојузот потенцираа дека изминативе месеци се соочуваат со недостиг на ленти и на апарати за мерење на шеќерот во крвта, како и недостиг на анти – дијабетна терапија. Истовремено, соговорниците на средбата посочија дека е неопходно во целост да се смени начинот на набавка на инсулин и да се напушти системот на тендерски постапки.

Во оваа насока, претседателот Пендаровски изрази поддршка за нивното барање да се воведе референтна цена за набавка на глукомери и ленти за мерење на шеќер, како и да им се рефундираат трошоците за новата анти-дијабетна терапија.

Посочувајќи дека од година в година бројот на заболени од дијабетес во земјава континуирано расте, претставниците на Сојузот на здруженија на дијабетичари истакнаа дека неопходна е и соодветна едукација и подигнување на јавната свест, бидејќи како последица на нерегулиран шеќер во крвта, зголемен е бројот и на мозочни удари.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни