Портпаролот на Европската Комисија за надворешни работи и безбедносна политика, Петер Стано денеска истакна дека Европската Унија очекува од новите власти во Северна Македонија да покажат посветеност на европската иднина и да продолжат по успешниот пристапен пат.
На новинарско прашање во однос на позициите на ЕУ за натамошен напредок на државата кон европската интеграција, Стано рече дека во текот на вчерашниот ден имале изјава за несреќниот настап на новата претседателка која не го спомена уставното име на земјата при давањето заклетва во Собранието.
„Да, го видовте твитот на претседателката Фон дер Лајен, ја видовте нашата вчерашна изјава за несреќниот настап на новата претседателка која не го спомена уставното име на земјата во давањето заклетва. Она што се очекува од Северна Македонија беше многу јасно наведено во последниот извештај за проширувањето во кој пишува дека во делот на регионалната соработка земјата одржала добри односи со другите држави од процесот на проширување и го продолжила учество во регионална иницијативи, постоечките билатерални договори треба, во добра волја, да се имплементираат од сите страни, вклучувајќи го и Преспанскиот договор склучен меѓу Северна Македонија и Грција и Договорот за добрососедство и соработка со Бугарија, вклучувајќи ги и протоколите. Ова е очекувањето од ЕУ“, вели Стано.
На прашање и за тоа какви чекори планира да преземе ЕУ доколку новото раководство би продолжило да се однесува слично, Стано потенцира дека Европската Унија искрено смета, очекува и верува дека новите власти на земјата ќе продолжат да испорачуваат.
Токму затоа, како што вели, не сака да навлегува во шпекулации „што или ако“.
Тој вели дека изјавите на ЕУ и нејзините претставници, биле многу јасни дека тие очекуваат и се радуваат на заедничка соработка со избраните претставници во Северна Македонија, и со новата влада и со претседателот, за да помогнат за земјата да напредува и да го испорача очекуваното што ЕУ го зададе во однос на пристапувањето на Северна Македонија.
„Ние, искрено мислиме, очекуваме и веруваме дека новите власти ќе продолжат да испорачуваат и не би шпекулирале што ако не испорачаат. Новите власти имаат чист почеток, имаат можност да ги убедат сите во ЕУ дека се посветени на европската иднина земја на нивната земја и дека ќе направат сè што можат за се продолжи на успешниот пат на пристапување“,додава тој.