Од денеска стапија во сила измените на Законот за безбедност во сообраќајот, со кои се воведуваат казни за пешаци и корисници на тротинети кои го одвлекуваат вниманието со мобилен телефон.
Пешак кој ќе го користи телефонот додека ја преминува улицата или велосипедската патека ќе биде казнет со 40 евра. За возење тротинет, мотор или трактор преку премин додека се користи електронски уред, казната изнесува 50 евра.
Со новите правила, пешаците се должни да се движат внимателно и без уреди кои го одвлекуваат вниманието при преминување на коловозот.
Од почетокот на наредната година ќе следуваат и построги казни за возачи за минување на црвено светло и непрописно паркирање, кои ќе се контролираат преку камерите на проектот „Сејф сити“.
За споредба, во Европа казните за слични прекршоци се повисоки: во Франција, возење тротинет по тротоар се казнува со 135 евра, во Литванија пешак со телефон на премин плаќа до 40 евра, а во Данска казната може да достигне 140 евра.
Со овие измени, Македонија се вбројува меѓу балканските држави со најстроги правила за пешаците и корисниците на тротинети.