Македонија

„Старлинк“ најави брз сателитски интернет директно на мобилните телефони и во Македонија

„Старлинк“ најави брз сателитски интернет директно на мобилните телефони и во Македонија

Компанијата „Старлинк“ најави проширување на својата мобилна услуга во Европа во соработка со телекомуникациската групација „4иГ Груп“, а во плановите е опфатена и Македонија.

Услугата најпрво ќе биде пуштена во употреба во Унгарија и во Албанија, каде што корисниците ќе можат преку сателитска врска да користат апликации и услуги за испраќање пораки. Целта е да се обезбеди поврзаност и во оддалечените подрачја во кои нема соодветна мобилна инфраструктура.

Во следната фаза, новата генерација на услугата Starlink Mobile V2 ќе биде проширена и во Македонија и во Црна Гора. Според најавата, таа треба да овозможи брз широкопојасен интернет директно до мобилните телефони, преку усогласен фреквентен спектар што се користи и на други пазари во светот.

Од компанијата засега не соопштија кога услугата ќе биде достапна во Македонија, ниту колку ќе чини нејзиното користење. Не се објавени ниту деталите за мобилните оператори преку кои таа ќе им биде понудена на корисниците.

Технологијата овозможува обичните мобилни телефони да се поврзат со сателити кога нема сигнал од копнената мобилна мрежа, што би можело значително да ја подобри комуникацијата во руралните и тешко достапните делови од земјата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни