Статус-кво за уставните измени – „ВРЕДИ може да биде обвинета дека ги блокира евроинтеграциите“

Бугарија наесен организира седми по ред предвремени избори, додека властите во Македонија очекуваат стабилна политичка влада кај соседите, со која би зборувале за одложена примена на внесот на Бугарите во Уставот. Според политичкиот аналитичар Благојче Атанасовски, ниту една од бугарските партии кои би биле во можност да состават влада нема да отстапат ниту милиметар од францускиот предлог и Скопје не може да се надева дека, како што вели, од Марс ќе падне нова политичка сила со поинаков наратив за Македонија.

„Треба да сме политички наивни или некој свесно политички да манипулира дека во Бугарија ќе дојдат нови политички сили, кои ќе го сменат целосно, за 180 степени, својот дискурс и наратив кон Македонија и дека тие разумни политичари ќе попуштат пред, условно кажано, нивните барања и дека ќе имаме пролонгирано внесување на Бугарите во Уставот. Едноставно, доколку живееме во таа делузија ќе губиме години и години и понатаму ќе бидеме блокирани на евроинтегративниот пат.“, рече Атанасовски.

Прашан за рокот што го постави коалицијата „Вреди“ за деблокирање на евроинтегративниот процес, Атанасовски одговори дека доколку продолжи актуелното статус-кво токму „Вреди“ би можела да биде обвинета дека е камен на сопнување. Според него, во ваква ситуација „Вреди“ би си ги прекршила предизборните ветувања, а албанскиот електорат во земјава е обединет околу патот кон ЕУ.

„Дури и велеа дека за да се формира коалиција со нив требало прво да се изгласаат уставните измени, но тоа не се случи и гледаме дека даваат условно кажано еден грејс период од шест месеци со кој кажуваат дека тие ќе бидат гарант за евроинтеграциите. Доколку ВЛЕН и понатаму на пример, партиципира во власта може да биде обвинета дека едноставно го кочи евроинтегративниот напредок на Македонија.“, рече Атанасовски.

Последно, премиерот Христијан Мицкоски кажа дека се разговара со меѓународните партнери за идејата за внес на Бугарите во Уставот, но тоа би започнало да важи кога Македонија ќе се зачленува во Унијата. Од Вашингтон, преку високиот функционер Џејмс О’Брајан, стигна порака дека САД ќе бидат активни во разговорите меѓу Скопје и Софија, штом Бугарија успее да формира стабилна политичка влада.