Доцнењето на субвенциите и намалувањето на откупната цена на млекото создаваат сериозни финансиски проблеми за сточарите во Македонија. Млекопроизводителите предупредуваат дека трошоците за одржување на фармите постојано растат, додека финансиската поддршка од државата не пристигнува според нивните очекувања.
Според сточарите, требало да добијат субвенции за 16 месеци за предадено млеко, но досега им биле исплатени средства само за два месеца. Дополнителна неизвесност создава и исплатата на поддршката по грло добиток.
Тие предупредуваат дека крајот на годината се приближува, а обврските кон добавувачите и трошоците за производство не можат да се одложуваат.
„Крајот на годината доаѓа. Мораме да ги платиме сите давачки и трошоци за да можеме и следната година да продолжиме со работа. На бензинска пумпа никој не дава гориво на вересија“, посочуваат сточарите.
Покрај неисплатените субвенции, дополнителен удар врз нивната заработка претставува падот на откупната цена на млекото.
Еден од млекопроизводителите објаснува дека иако бројот на крави и количината на произведено млеко останале непроменети, неговите годишни приходи се намалиле за околу 7.000 евра исклучиво поради пониската откупна цена.
Од здружението „Пелагониско поле“ бараат поголема вклученост на сточарите во креирањето на земјоделските политики, како и преиспитување на висината на субвенциите.
Тие потсетуваат дека поддршката по грло добиток претходно била намалена од 12.000 на 8.000 денари и сметаат дека е неопходно повторно зголемување на средствата.
Како пример ја посочуваат Србија, каде што, според нивните информации, финансиската поддршка за сточарите е значително повисока.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, пак, информираат дека продолжува исплатата на финансиската поддршка за земјоделците.
Според Министерството, по исплатата на средствата за пчеларите, на 3.656 млекопроизводители им биле исплатени близу 65 милиони денари за млекото предадено во јули и август 2025 година.
Од ресорното министерство нагласуваат дека субвенциите по грло добиток за 2025 година се исплатени во целост.
Како следна мерка е најавена исплата на поддршката за земјоделците кои во текот на 2025 година продале оризова арпа, за што се обезбедени средства од Интервентниот фонд.
Во меѓувреме, финансиска помош очекуваат и производителите на пченица. Тие предупредуваат дека есенската сеидба е во тек, а недостигот од средства може да го доведе во прашање планираното производство.
Земјоделците стравуваат дека доколку исплатите дополнително се одложат, нема да успеат навреме да ги обезбедат потребните семиња, ѓубрива и гориво, што би можело да резултира со намалување на засеаните површини.
И покрај најавите за продолжување на исплатите, сточарите и земјоделците бараат поголема предвидливост и навремена финансиска поддршка, со цел да можат да го одржат производството и да ги покријат основните трошоци.