Македонија

Стојаноски: Вториот заем од Унгарската експорт – импорт банка ќе обезбеди финансиска стабилност

Стојаноски: Вториот заем од Унгарската експорт – импорт банка ќе обезбеди финансиска стабилност

Пратеникот Бојан Стојаноски од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес конференција ги информираше медиумите и јавноста за договорот за вториот заем од Унгарската експорт – импорт банка, во износ од 500 милиони евра.

Стојаноски истакна дека заемот ќе биде доделен под исклучително поволни услови, идентични како кај првиот заем. Рокот за отплата е 15 години со три години грејс период, каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25%, а отплатата ќе се врши на 24 полугодишни рати.

Средствата од заемот, според Стојаноски, ќе пристигнат на почетокот на јануари 2025 година и ќе бидат наменети за отплата на еврообврзницата издадена во јануари 2018 година од тогашната влада предводена од СДСМ и ДУИ. Тој нагласи дека средствата од првиот заем биле насочени кон проекти во општините и поддршка на стопанството, додека новиот заем ќе служи за покривање на „недомаќинските долгови и ненаменски потрошените средства“ од еврообврзницата.

„Додека за еврообврзницата беа потрошени 1,3 милиони евра на трошоци, за овој заем ќе платиме само 50.000 евра, што е пример за економска одговорност,“ рече Стојаноски, обвинувајќи ја претходната влада за неодговорно финансиско управување.

Тој ги повика претседателката на Комисијата за финансирање и буџет и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, веднаш да свикаат расправа и да ги разгледаат забелешките на опозицијата.

„Ако повторно избегнат аргументирана дебата, парламентарното мнозинство ќе ги искористи сите можности за законот да биде изгласан. Граѓаните не смеат да бидат заложници на политичари кои го ризикуваат финансискиот систем за личен спас,“ додаде Стојаноски.

На крајот, тој апелираше Собранието по скратена постапка да го усвои Законот за задолжување, истакнувајќи дека ваквите заемски услови се од клучно значење за одржување на финансиската стабилност.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни