Македонија

Студентите го кренаа гласот: Над 28.000 подготвени на протест против хаосот во јавниот превоз

Студентите го кренаа гласот: Над 28.000 подготвени на протест против хаосот во јавниот превоз

Над 28.000 студенти се подготвени да излезат на протест доколку градоначалничката Данела Арсовска и Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) не најдат итно решение за кризата со јавниот превоз во Скопје.

Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) денеска испрати соопштение во кое ги истакна проблемите со кои се соочуваат студентите поради нередовниот превоз. Претседателот на собранието, Александар Николоски, бара итно враќање на редовните линии, воведување на ефикасни транспортни решенија и нормализација на јавниот превоз. Барањата се упатени до градоначалничката Арсовска и ЈСП, а протестот на студентите би се одржал паралелно со најавените протести на граѓаните во петок.

„Спроведовме анкета на која учествуваа над 3.150 студенти. Од нив, 84% изјавија дека во последните денови чекаат автобус повеќе од 15 минути, а 65,9% чекаат над 20 минути. Дополнително, 93,4% од студентите не се задоволни од квалитетот на јавниот превоз, а 65,9% од нив го оценуваат како катастрофален“, се наведува во реакцијата на студентите.

Тие го посочија и влијанието на овие проблеми врз студенскиот стандард, особено во период на колоквиуми и предавања. Освен враќањето на редовноста, студентите бараат финализирање на проектот за Bus Rapid Transit, воведување на градска железница со искористување на постоечката инфраструктура и изградба на пруга до аеродромот. Меѓу останатите барања се и реализација на инфраструктурните проекти како Јужен Булевар, мостот кај Хотел Русија, продолжување на булеварите „Климент Охридски“ и „Илинден“, како и набавка на нови автобуси и отворање на нови линии.

Дополнително, студентите повикуваат на развој на велосипедската инфраструктура и промоција на алтернативни видови транспорт. Во соопштението потенцираат дека доколку Арсовска не може да ги исполни овие барања, нејзината оставка останува валидна опција.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни