Студентскиот дом „Гоце Делчев“ до крајот на годината ќе биде комплетно реновиран

До крајот на оваа година, најголемиот студентски дом во земјава „Гоце Делчев“ ќе биде целосно реновиран. Првиот човек на Државниот студентски центар објаснува дека процесот за да се обноват и останатите два блока В и Г не бил едноставен, бидејќи се соочиле со заостанати долгови.

„Се соочивме со заостанат долг од повеќе од 5 милиони евра. Со огромни напори веќе веднаш подмиривме околу 2 милиони евра. До крајот на годината ќе намалиме уште 1 милион евра. Во меѓувреме, вложуваме во безбедноста на студентите. Прашање кое досега никогаш не било отворено за дискусија. За прв пат во студентските домови поставуваме видео надзор со што ќе ја подобриме безбедноста на студентите и ќе им дадеме сигурност на нивните родители“, изјави Дарио Николовски – директор на државниот студентски центар „Скопје“.

Не ни дозволија да погледнеме како тече реконструкцијата, бидејќи клучот од објектите бил кај градежната компанија. Сепак заменик – министерот за образование објасни што ќе опфати реновирањето на овие два блока. Фасадата, засега, ќе остане иста, бидејќи објектот на студентскиот дом е заштитен со закон.

„Станува збор за крупен зафат кој значи промена на врати, прозорци, подови, замена на електрична и водоводна инсталација, парно греење, за што се инвестираат близу 2.3 милиони евра. Ќе биде набавен и нов мебел во наредната година во вредност близу 85 илјади евра“, вели Петар Атанасов – заменик министер за образование.

Атанасов најави дека следната година ќе се вложат 30 милиони евра за реконструкција и обнова на неколку студентски домови, а во рамките на домот  Стив Наумов” ќе се изгради нова студентска зграда со капацитет од околу 700 легла.

РЕПОРТЕР: ДАНЧЕ АЗМАНОВА

Извор: ТВ21