Кривичниот суд го прифати барањето на судијката Оља Ристова за нејзино изземање од предметот на Специјалното јавно обвинителство означен како „Титаник 3“.
Како што е посочено, судијата Оља Ристова во барањето наведува дека на емисијата „КОД“ на телевизија Телма од 27.01.2019 година, јавната обвинителка Катица Јанева дава изјава во контекст на наводните закани од еден од бранителите во конкретниот предмет упатени кон обвинител од надлежното обвинителство.
-Во таа насока, Јанева во својата изјава бара од новинарите и јавноста будно да го следат овој предмет бидејќи судот, како што вели, не ги прифатил овие наводни закани како сериозни и не презел мерки во тој правец, како и тоа дека не е воспоставен соодветен ред во судницата. Во однос на оваа изјава, судијата Ристова смета дека со ваквото неосновано медиумско влијание за предмет за кој и онака секоја расправа се одвива во присуство на претставници на медиуми, невладини организации и меѓународни претставници во земјата, се врши директен притисок и се доведува во прашање нејзината независност и непристрасност во постапувањето, што отвора сомнеж во јавноста, се наведува во соопштението од Судот.
Оттаму посочуваат дека и Судот овие изјави на СЈО, ги разбира како обид за директен притисок врз судијата, иако медиумското следење на предметот од поднесување на обвинителниот акт преку неговата оценка и отпочнување на главната расправа се одвива со постојано присуство на медиумите и соодветни известувања за јавноста.
Судот смета дека во постапката на овој предмет судијата има излезено во пресрет во однос на сите барања на странките, а редот во судницата никогаш не бил доведен во прашање.