Македонија

Судот го одложи судењето за „Лотарија“ по спроведувањето на Бајрами во притвор

Судот го одложи судењето за „Лотарија“ по спроведувањето на Бајрами во притвор

Судењето за предметот „Лотарија“ е одложено откако првообвинетиот Перпарим Бајрами, кој се бараше со меѓународна потерница, утрово е спроведен во КПУ „Затвор Скопје“.

Од Основниот кривичен суд Скопје информираат дека Управата на затворот го известила судот оти Бајрами нешто по 7 часот бил спроведен на издржување на претходно определената мерка притвор.

Поради неговото пристигнување во затворот, судот во текот на денот ќе му достави примерок од обвинителниот предлог, со цел да може да се запознае со содржината на обвинението и доказите во предметот.

Бидејќи согласно законските рокови обвинетиот има право на осум дена за увид во обвинителниот предлог и доказите, Основниот кривичен суд Скопје ги отповика расправите што беа закажани за 11 и 16 септември.

Судењето ќе продолжи на 18 септември во 12 часот, соопшти Судот.

Бајрами претходно беше недостапен за органите на прогонот и по него беше распишана меѓународна потерница. Тој утрово беше лишен од слобода на граничниот премин „Блаце“, по што беше спроведен во затворот во Скопје.

Против него се води постапка во предметот поврзан со Државната лотарија, а Основното јавно обвинителство Скопје неодамна соопшти дека против него се водат и уште четири постапки за истото кривично дело – „Злоупотреба на службената положба и овластување“.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни