Судот ја брани одлуката на Пајазити – Кривичен суд: Лицето се дава во бегство од куќен притвор над кој надзор врши МВР

Одговорноста за бегството на Блерим Рамадани од куќниот притвор треба да се бара во институцијата што вршила надзор, информираат од Кривичниот суд. Во случајов, тоа е МВР. Преку соопштение, од Судот ја правдаат одлуката на судијата Пајазит Пајазити да му додели куќен притвор на Рамадани.

„Конкретното лице било во активен притвор со решение на Судија на претходна постапка од 17.07.2024 до 01.08.2024 година, или 15 дена, односно, согласно досегашната судска пракса за овие случаи, тоа е максималното време кое некое лица го поминало во екстрадиционен притвор.“, велат Кривичен.

Од Судот додаваат дека Пајазити кога ја носел одлуката за куќен притвор ги зел предвид фактите дека во идентични случаи претходно било пресудено дека не се исполнети условите за екстрадиција.

„Кривичниот совет донесе решение според кое не се исполнети Законските услови за ектрадиција и целиот предмет е доставен на надлежно постапување на Врховниот суд на РСМ.“, велат од Кривичен.

Од Судот побараа случајот да не се користи за политички препукувања. Сепак, ВМРО-ДПМНЕ бара разрешување на судијата Пајазити, а од коалицијата „Вреди“ допрва ќе градат став.

„Пајазити не смее да биде судија, тој ја извалка судската позиција и мора да биде разрешен. Институциите да постапат за негово разрешување.“, рече Тони Јаревски.

„За секого којшто не постапувал како што треба, треба да има одговорност. За конкретниот случај немам точна информација.“, вели Таравари.

Реагираше и ДУИ. Оттаму велат дека Владата нема храброст да побара разрешување на судија, па се затскрива зад партијата ВМРО-ДПМНЕ.

„Не реагира Владата, туку реагира партијата, во овој случај ВМРО-ДПМНЕ. Зошто се случува ова? Бидејќи владините експоненти реагираа и даваа контрадикторни изјави, вклучувајќи го г-дин Арбен Таравари, кој излезе во јавноста и кажа дека ова прашање е затворено во Република Северна Македонија и не се почитуваат барањата на Србија.“, изјави Бектеши.

Судскиот совет неодамна на вонредна седница формираше специјална комисија која ќе го разгледува постапувањето на судијата Пајазит Пајазити кој донесе одлука поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани од куќен притвор да ја чека одлуката за негова евентуална екстрадиција во Србија.