Судскиот совет денес на итна седница ја потврди неотповикливата оставка на претседателката Весна Дамева, која претпладнево во јавно обраќање соопшти дека поради недостаток на поддршка од страна на властите за обезбедување брза и ефикасна правда, како и поради обидите за нарушување на нејзиниот интегритет од високи владини функционери, поднесува неотповиклива оставка од функцијата.
На денешната седница бил разгледан и предлогот за избор на нов претседател на Судскиот совет, но по предлог на членот Исамедин Лимани, точката била едногласно отстранета од дневниот ред. Според Лимани, изборот на нов претседател треба да се одложи до моментот кога Советот ќе биде во полн состав, односно по изборите на два нови членови на 11 декември.
„Двајца членови со право на глас се отсутни, а исто така сме во процес на избор на два нови членови на Советот, кои ќе се избираат на 11 декември. Еден член од општата листа од Апелационо подрачје Штип и еден од посебната листа, така што изборот на претседател треба да се случи кога Советот ќе биде комплетиран“, изјави Лимани.
Сите други членови на Советот се согласија со оваа позиција и одлучија дека работата може да продолжи без претседател, сѐ додека Советот не се комплетира.