Спикерот Африм Гаши, но и сватовите кои оделе по невестата во Косово, воопшто не биле проверени на граничниот премин Блаце, велат од СДСМ. Од партијата бараат оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и обвинуваат дека државната граница се третира како да е партиска сопственост на „Вреди“ и ВМРО-ДПМНЕ.
„Границата со Блаце била целосно приватизирана за потребите на Гаши и тоа со амин на МВР и одговорните службеници. Со ова е нарушена безбедноста на државата и проверката на патници која е задолжителна со закон.“, изјави Богданка Кузеска од СДСМ.
Од СДСМ бараат да реагира Јавното обвинителство, но и внатрешната конрола во МВР за да се утврди, како што велат, под чија команда било дозволено слободно и без никаква проверка на граничниот премин да поминуваат приватни возила и лица.
„Според информациите кои од свиркачи се доставени до СДСМ, границата со Косово била отворена за службените возила на Гаши, но и за други приватни возила кои исто така биле дел од поворката по невестата. Сите возила, на Гаши, на неговото обезбедување и приватните возила биле пропуштени без контрола.“, рече Кузеска.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, на својот фејсбук профил, потврди дел од информациите на СДСМ и истакна дека пропусти имало. Тој кажа дека законите мора да важат за сите подеднакво и побара полициските службеници да одбиваат незаконски наредби.
„За утврдените пропусти во работењето од страна на Регионалниот центар за гранични работи Север кон раководителот на смена на граничниот премин ќе бидат преземени соодветни мерки за утврдување на одговорност согласно Колективниот договор на МВР.“, вели Тошковски.
Како што пишува Тошковски, со извршените контроли во Системот за контрола на патници и возила утврдено е дека носителот на делегацијата, како и членовите на неговото семејство кои биле најавени дека ќе остварат излез, не евидентираат во системот за контрола на патници и возила.
„Констатирано е дека не е целосно запазена процедурата на евидентирање на сите лица и патници кои поминуваат на граничниот премин во системот за контрола на патници и возила“, рече Тошковски.
Од Кабинетот на спикерот Гаши нема реакција за наводите на СДСМ.. Но, реагираше коалицијата „Вреди“. Оттаму велат дека Африм Гаши заедно со неговото семејство уредно ја поминал границата.

