Со свирежи и транспарент на собраниската говорница опозицијата реагираше на предлогот Добрила Кацарска да биде назначена за уставен судија. „Кацарска извршител на мафијата“ и „Кацарска значи неправда“ пишуваше на огромниот транспарент со што опозициските пратеници протестираа на нејзиниот предлог.
Свирче побара и претседателот на Собранието Талат Џафери.
„Зошто ме дискриминирате, дајте ми свирче и јас да можам…….Благодарам…“, посочи Талат Џафери.
Опозициските пратеници во своите настапи изнесоа голем број обвинувања и причини зошто се несогласуваат со изборот на Кацарска за уставен судија.
„Добрила Кацарска е судијка на која токму Уставниот суд и поништи одлука и судијка која не го знае и почитува Уставот.Таква судијка во ниту една земја не треба и не смее да стане судијка на Уставен суд“, посочи Дафина Стојановска.
„Неславно место зазеде во едно од главните гласила во делот на глобална слобода на изразување што е официјален сајт на Колумбија универзитетот. Пораката е – немојте да го правите тоа што госпоѓа Кацарска го правела во Македонија“, вели Гордана Силјановска Давкова.
Снежана Калевска Ванчева од СДСМ се обиде да се стави во одбрана на предлогот Кацарска да биде избрана за уставен судија.
„Нејзината работа исклучиво ја оценува Судскиот совет во кој што ниту еден судија не нашол дека не е достојна да извршува функцијата. За жал, во ваше време се избираа судии на Уставен суд кои што немаа ниту ден во правосудството“, истакна Снежана Калевска Ванчева.
Кацарска е судијка во Кривичниот суд од 1986 година а меѓу позначајните предмети што ги судеше се настаните од 27 април, случајот Тенк во кој затворски казни добија Никола Груевски, Гордана Јанкуловска и Ѓоко Поповски.
.
