Граѓаните кои ги посетуваат излетничките места да бидат особено внимателни, да не предизвикуваат пожар, да возат согласно правилата и прописите, апелираше денеска кумановската полиција во пресрет на претстојниот празник „Илиден“.
-Во овој период кога се очекува излетничките места помасовно да бидат посетени од граѓаните, СВР Куманово упатува апел особено до посетителите да бидат внимателни со отпушоците од цигари, да се воздржат од палење оган на отворено, како и други активности кои можат да предизвикаат несакани пожари, се наведува во апелот на полицијата.
Од СВР Куманово потсетуваат дека предизвикувањето на пожар претставува кривично дело кое се санкционира со соодветни поднесоци и за кое е предвидена затворска казна до осум години согласно член 227 од Кривичниот законик, зависно од видот на пожарот, причините за неговото настанување и другите околности и последици.
СВР Куманово апелираше граѓаните максимално да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, правилата за ограничување на брзината, која треба да се приспособи согласно условите на патот и да не се управува моторно возило под дејство на алкохол.