Тања Кочовска и Тони Михајловски добија награди за најдобра женска и машка епизодна улога на 22. Меѓународен фестивал на глумецот – Никшиќ 2026, за актерските остварувања во претставата „Страв и надеж“ на Македонскиот народен театар.
Претставата, во адаптација и режија на Татјана Мандиќ Ригонат, беше дел од фестивалската програма. Жирито посебно ја истакна заедничката сцена на двајцата актери.
„Беше вистинско задоволство да се гледаат овие двајца актери, особено во сцената во која настапуваат како партнери. Нивната игра беше трагикомична, исполнета со човечка топлина. Со својата инспиративна актерска игра ја направија нашата одлука лесна“, се наведува во образложението.
За наградите одлучуваше стручно жири предводено од актерот Миодраг Кривокапиќ, во кое членуваа и Даница Максимовиќ и Стеван Вуковиќ.
На свеченото доделување, признанијата во име на Кочовска и Михајловски ги прими директорот на МНТ, Никола Кимовски.
„Реткост и посебна чест е да се добие награда на фестивал посветен на актерот. Актерот без кого ликовите би останале да живеат само на хартија, а сцената би била празна“, рече Кимовски.
Од МНТ посочуваат дека Кочовска и Михајловски и претходно заедно добивале фестивалски признанија за различни претстави.