Министерот за здравство, Арбен Таравари, изјави дека не смета за неопходно да се меша ако некој директор од клиниките во скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“ избере да ангажира советник од редовите на поранешните економски директори.
„Според законот, економските директори веќе не постојат. Ако некој смета дека еден од бившите економски директори би можел да биде корисен како советник, тоа е негов личен избор“, вели Таравари.
Како што додава тие тоа го регулирале законски.
„Сега секоја клиника има еден директор и наскоро сите клиники ќе функционираат со еден директор. Нашата цел е рационализација, а оние кои веруваат дека одредени луѓе имаат експертиза можат да ги ангажираат во министерства, здравствени установи или други компании. Во тоа не можам да се мешам, тоа не е во мојата надлежност“, изјави Таравари.