Министерот за здравство, Арбен Таравари, на денешната прес-конференција соопшти дека е подготвен предлог-закон за правична застапеност, но сега следи координација во владиното мнозинство. Тој истакна дека е важно да се создаде заеднички продукт пред да биде презентиран на јавноста.
„Имавме предлог-закон, но сега треба да синхронизираме ставовите меѓу коалициите во Владата. Планираме да ангажираме експерти за да помогнат во оваа работа“, рече Таравари.
Одговарајќи на критиките за нетранспарентност при подготовката на законот, тој увери дека процесот сега ќе биде поотворен и ќе вклучува јавна дебата.
„Во минатото, законите се усвојуваа набрзина. Овој пат, сакаме да обезбедиме транспарентност и да отвориме дебата пред да го пуштиме законот во Парламент“, нагласи министерот, додавајќи дека деталите за регулирањето на правичната застапеност ќе бидат објавени по завршувањето на синхронизацијата.