Корупцијата сè повеќе станува закана за основните човекови права, предупреди Слаѓана Тасева во гостување во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Според Тасева, последиците од корупцијата се чувствуваат директно врз граѓаните, кои поради ваквите појави немаат еднаков пристап до клучните права, како што се правото на здравствена заштита, чист воздух и здрава животна средина.
Иако овие права се загарантирани со Уставот, таа истакна дека корупцијата сериозно ги поткопува, создавајќи нееднаквост и нарушувајќи го квалитетот на живот.
Тасева посочи дека јавноста недоволно зборува за оваа димензија на корупцијата, иако, како што нагласи, постојат бројни примери кои директно влијаат врз секојдневието на граѓаните.
Како проблематични ги наведе случаите со депонии кои се палат, спорни тендери, како и издавање дозволи за индустриски капацитети што придонесуваат за загадување на воздухот. Дополнително, таа алармираше и за концесии за мали хидроелектрани кои, според неа, често не се реализираат, а средствата се трошат без конкретен резултат.
„Сето ова се одразува не само врз животната средина, туку и врз основните човекови права на граѓаните“, потенцира Тасева, додавајќи дека потребно е поголемо внимание и системски пристап во справувањето со корупцијата.
