Напната атмосфера пред почетокот на денешната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС), закажана за 12:00 часот. Владата и синдикатите седнуваат на иста маса, но Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) доаѓа со јасен ултиматум: итно зголемување на платите или радикализација на синдикалната битка.
Синдикалците бараат брзи решенија, особено во делот на запирање на, како што велат, суспендирањето на колективните договори преку последните законски измени. Но, најголемото разочарување доаѓа од фактот што клучните барања за стандардот на граѓаните воопшто не се ставени на официјалниот дневен ред.
Пешевски: Не сме изненадени, туку разочарани
Иван Пешевски од ССМ во изјава пред почетокот на седницата го повтори ставот на сојузот – минимална плата од 600 евра и линеарно зголемување на сите останати плати.
„Да бидам искрен, не сме изненадени, туку разочарани кога видовме дека таква точка нема на дневен ред за денешната седница на ЕСС. Ние ќе предложиме тоа да се стави како најкруцијално прашање за работниците и граѓаните, за нивната егзистенција и за тоа дали ќе можат барем малку да ја зачуваат куповната моќ, имајќи предвид колку сè поскапе во меѓувреме“, изјави Пешевски.
Закана за напуштање на дијалогот и излез на улица
Синдикатот е дециден – ако Владата одбие да разговара за потрошувачката кошничка и платите, тие не гледаат причина да останат дел од Економско-социјалниот совет.
„Ако видиме дека се до толку несериозни да не се разговара за стандардот на работниците, ќе го напуштиме ЕСС. Тој е формиран за да се разговара за прашањата што ги засегаат граѓаните. Ако некој смета дека има поважни точки во моментов, нека си разговара за истите“, дециден е Пешевски.
Тој најави дека доколку нивните барања бидат игнорирани, ССМ ќе го искористи целото расположливо оружје гарантирано со Уставот и законите.
„ССМ ќе излезе со протести, со штрајкови, со сè што ни нуди Законот, за да си ги обезбедиме и загарантираме нашите работнички права“, заклучи Пешевски.
