Македонија

Тешка ноќ за пожарникарите кај прилепското село Крушевица, огнот ставен под контрола

Тешка ноќ за пожарникарите кај прилепското село Крушевица, огнот ставен под контрола

Тешка и ризична интервенција имаа пожарникарите во текот на ноќта кај прилепското село Крушевица во Мариово, каде што огнената стихија се приближила до населеното место. Благодарение на брзата реакција на екипите, огнот бил сопрен и повлечен под патот, со што значително е намалена опасноста за селото.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, доцна синоќа информираше дека пожарникарите се соочиле со исклучително тешки услови, со густ чад и висок ризик при гаснењето.

Во еден момент, еден од тимовите останал без вода, поради што пожарникарите морале да се повлечат и да обезбедат дополнителни количини за да продолжат со интервенцијата.

Ангелов посебно ја истакна улогата на возилата „пинцгауер“ и нивните возачи, кои, како што посочи, одиграле клучна улога во спречувањето на огнот да се приближи до селото.

И покрај успешната интервенција кај Крушевица, пожарите и натаму се сериозен проблем на повеќе локации низ земјава.

Според Центарот за управување со кризи, во изминатото деноноќие биле регистрирани 37 пожари на отворен простор. Од нив, три се активни, еден е ставен под контрола, а 33 се целосно изгаснати.

До 7:30 часот утрово, активни пожари биле регистрирани на подрачјата на општините Студеничани, Македонски Брод и Прилеп.

Во Студеничани, огнот се шири од селото Моране кон Вртекица и Рамни Габер, каде што гори мешана шума.

Активен пожар има и во општина Македонски Брод, на месноста Видуш, кај селата Драгов Дол и Локвица. Таму се зафатени ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.

Во прилепскиот регион активен е пожарот кај селото Чаниште, кој се движи во два правци – кон селото Зовиќ и кон Крушевица. Зафатена е ниска вегетација.

Пожарот кај Делчево, каде што гореше депонија, е ставен под контрола.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни