Свет

Тесла влета во куќа во САД и усмрти жена, семејството покрена тужба, Маск вели: Возачот ја притиснал педалата до крај

Тесла влета во куќа во САД и усмрти жена, семејството покрена тужба, Маск вели: Возачот ја притиснал педалата до крај

Семејството на 76-годишната Марта Авила, која загина откако автомобил марка „Тесла“ влета во нејзиниот дом, поднесе тужба против компанијата на Илон Маск и против возачот. Тужбата е покрената од ќерката на жртвата, Џенифер Барбур, и нејзиниот сопруг.

Како причини за тужбата се наведуваат „грешка во дизајнот“ на возилата на „Тесла“, како и невнимание од страна на компанијата и на возачот, Мајкл Батлер. Несреќата се случила во петокот околу 20 часот, додека Авила стоела во дневната соба од својата куќа. Автомобилот пробил низ ѕидот и ја приклештил несреќната жена, која подоцна им подлегнала на повредите во локалната болница.

Возачот им изјавил на истражителите дека во моментот на несреќата го користел системот за автопилот (автономно возење). Од канцеларијата на локалниот шериф додаваат дека тој соработувал со полицијата и не покажувал знаци на алкохолизираност или интоксикација.

Илон Маск тврди: Возачот ја притиснал педалата за гас до крај

Иако компанијата „Тесла“ не излезе со официјално соопштение, сопственикот Илон Маск реагираше преку социјалната мрежа Х, отфрлајќи ја вината на автопилотот.

„Системот за целосно автономно возење (FSD) вози бавно по станбени улици, а ова беше судир при огромна брзина!“, напиша Маск.

Тврдењата на Маск ги поткрепи и Ашок Елусвами, потпретседател за софтвер со вештачка интелигенција во „Тесла“, кој ги откри податоците од црната кутија на возилото.

„Во овој случај, возачот рачно го исклучил автономното возење така што во станбената зона ја притиснал педалата за гас до 100 проценти. Во моментот на ударот, возилото постигнало брзина од речиси 118 км/ч, а педалата за гас останала притисната дури и по судирот“, појасни Елусвами.

Историја на опасности

Во тужбата, семејството се повикува на анализа на Вашингтон Пост од 2023 година, во која се тврди дека се евидентирани „најмалку 17 смртоносни несреќи поврзани со автопилотот на Тесла“. Тие го обвинуваат и возачот Батлер дека со своите постапки бесчувствително го занемарил ризикот од предизвикување тешки телесни повреди.

Против возачот сè уште не е поднесена кривична пријава, но истрага за случајот водат и шерифот и Националната управа за безбедност во сообраќајот на САД (NHTSA). Семејството бара отштета поголема од еден милион долара.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни