Македонија

„Тетово без вода и паркови, но со амбиции за албанска академија на науките“

„Тетово без вода и паркови, но со амбиции за албанска академија на науките“

Коалицијата „Вреди“, која е дел од Владата, соопшти дека почнала постапка за формирање Академија на Албанците за наука и уметност во Северна Македонија. Лидерот на „Вреди“ Арбен Таравари објави на Фејсбук дека е особено горд оти „ние сме еден од најстарите народи на Балканот и во нашата ДНК има интелигенција и цивилизација на античка култура“, пишува новинарот Горан Михајловски во својата најнова колумна.

Ич не ми е пријатно кога во мојата држава во 21 век некој политичар, министер за здравство, па уште и лекар ми споменува ДНК. За разлика од Таравари, вицепремиерот Изет Меџити си беше конкретен па си кажа: „Има тројца-четворица академици, но нема ниту еден вработен во МАНУ, ни кафекувар нема. Не може некој да ме убеди дека нема Албанци што може да работат во МАНУ“.

А, никој од челниците на „Вреди“ не ни знае дека еден од двајцата актуелни потпретседатели на МАНУ е Албанец – академик Алајдин Абази.

Е па, ај тогаш да отвориме Албанска академија на науките за да има каде да се вработи кафекуварката од „Вреди“. Оти овие „три-четворица академици“, не се толку важни за „Вреди“ колку кафекуварката. Да беа важни, Меџити ќе им ги знаеше имињата. А и којзнае што ДНК имаат. Дали се вредни за „Вреди“.

Тетово не може вода да им обезбеди на своите граѓани, ама ќе им обезбеди академија на науките. Единствен град е без ниту еден парк, ама не му треба. Ќе се собираат по лаборатории и по читални, на наука ќе го губат времето, немаат време за опуштање.

Слушајќи ги овие будалаштини на „Вреди“, што се натпреварува со ДУИ кој ќе биде поголем националист, прво што ми падна на памет беше тоа дека ја имав честа и привилегијата лично да го познавам академикот и писател Луан Старова. Каков господин човек беше тоа. Кој него го перцепирал како Албанец или неалбанец? Кој неговите над 200 дела ги вреднувал со ДНК на еден од најстарите народи на Балканот? Професор, амабасадор, почесен член и на Албанската академија на науките, ама онаа во Тирана, не оваа Тетовската на Таравари и на Меџити. Ех, да беше жив професорот Старова, па да го прашавме дали послатко ќе му беше кафето зготвено од вработена со врски од „Вреди“ или од ВМРО-ДПМНЕ, или од ДУИ или од СДСМ. Оти и кафеготвачка не се станува така лесно. И за тоа треба партиска книшка.

Сега засега, толку од темата за четвртата република и визијата на претседателката Сиљановска-Давкова за републиката што ќе биде „грижлива кон најдобрите, инклузивна кон различните, солидарна кон ранливите и праведна кон сите“.

За цела колумната на Горан Михајловски, кликни ТУКА.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни