Македонија

Тим од Гетеборг во посета на Кочани: Солидарност по трагедијата и споделување искуства

Тим од Гетеборг во посета на Кочани: Солидарност по трагедијата и споделување искуства

Од 16 до 18 јуни 2025 година, Кочани ќе биде домаќин на седумчлен тим од Гетеборг, Шведска, кој пристигнува во знак на солидарност по трагедијата што го потресе градот. Во текот на посетата, тие ќе споделат искуства од слична трагедија – пожарот во дискотека во Гетеборг од 1998 година, кој однесе 63 животи и го обележа градот со длабока болка и трајна траума.

Целта на посетата е создавање заеднички модели на солидарност, отпорност и споделена надеж, со размена на лични и професионални искуства што може да послужат како поддршка за локалната заедница.

Во тимот од Гетеборг се:

  • социјалните работници Елеонор Артфорс и Хели Кунас
  • преживеаните од пожарот Параш Лама и Розбе Асланијан
  • пожарникарите Бенгт Холм и Пер-Андерс Линдфелд
  • координаторот на Центарот за поддршка, Ларс Лилед

Официјалното отворање на посетата ќе се одржи на 16 јуни (понеделник) во 11:00 часот во Мулти-Култи Центарот (МКЦ) во Кочани каде свои обраќања ќе имаат:

  • амбасадорката на Шведска во С. Македонија, Ами Ларсон Џеин
  • в.д. градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски
  • претставници од тимот од Гетеборг
  • Центарот за психосоцијална и кризна акција – Малинска

Тогаш ќе биде и подарен македонскиот превод на книгата „Како поставување сложувалка“, која преку реконструкција на трагедијата во Гетеборг придонесе за колективното заздравување на нивната заедница. Книгата е достапна овде.

Во следните денови (17 и 18 јуни), ќе се одржат повеќе активности – отворени и затворени сесии, размена на мислења и планирање на идната соработка. Акцент ќе се стави на зајакнување на локалната отпорност и психосоцијална поддршка.

Посетата е иницијатива на Тим Европа, организирана од Амбасадата на Шведска, Делегацијата на Европската Унија, Europe House, ЦПКА – Малинска, во соработка со Општина Кочани и иницијативата „Поддржете го Кочани“.

Мотото на оваа тридневна посета: Кочани – град на отпорност и солидарност.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни