Министерот за надворешни работи на Македонија, Тимчо Муцунски, денеска присуствуваше на свеченото отворање на новите простории на Генералниот конзулат на Македонија во Минхен. Во своето обраќање, Муцунски истакна дека ова отворање претставува значаен чекор кон подобрување на услугите за македонската дијаспора во Германија, особено за заедницата во Баварија, која е една од најбројните во Европа.
„Отворањето на новите простории е конкретен доказ дека ги слушаме и разбираме потребите на нашата заедница. Целта е постојано да ги подобруваме нашите услуги и да одговориме на нивните барања,“ изјави Муцунски, заблагодарувајќи се за значајниот придонес на македонската дијаспора во јакнењето на односите меѓу Македонија и Германија, како и во промоцијата на македонската култура и традиција.
За време на посетата, министерот се сретна и со претставници на македонско-баварскиот бизнис клуб, каде разговараа за можностите за инвестирање во Македонија. Муцунски нагласи дека Владата е подготвена да привлече нови инвестиции и ја истакна важноста на економската соработка меѓу двете земји. Договорени беа конкретни активности за реализација на овие можности, а министерот ја потврди отвореноста за поддршка на иницијативите кои ќе го олеснат контактот меѓу деловните заедници од Македонија и Германија.