Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денеска во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија одржа работна средба со специјалниот претставник на Сојузна Република Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин.
На средбата беа разгледани клучните теми поврзани со евроинтегративниот пат на Северна Македонија, тековните внатрешно-политички случувања и постигнувањата во областите од витално значење за реформскиот процес.
Министерот Муцунски ја нагласи важноста на новото лидерство на европските институции и нивната улога во зајакнувањето на политиката на проширување на Европската Унија, посочувајќи ги очекувањата од претстојниот период.
„Изразив благодарност за личниот ангажман на господинот Сарацин во поддршката на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан и за континуираната силна поддршка на Германија за европската перспектива на Северна Македонија и регионот,“ истакна Муцунски.
Дополнително, министерот го потенцираше значењето на Берлинскиот процес како важна платформа за зајакнување на регионалната соработка и унапредување на европската агенда, што е од клучно значење за стабилноста и развојот на Западен Балкан.
Средбата ја потврди заложбата за натамошна интензивна соработка меѓу Северна Македонија и Германија, со посебен акцент на европските интеграции и регионалниот напредок.