Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, соопшти дека во првите 24 часа од пуштањето во пробна употреба на системот за видео надзор и детекција на сообраќајни прекршоци „Сејф Сити“ во Скопје биле регистрирани 110.000 прекршоци.
Според Тошковски, најголем дел од прекршоците се однесувале на прекорачување на брзината, додека биле забележани и 5.000 прекршоци за поминување на црвено светло.
„Не велам дека Сејф Сити е идеален, сигурно ќе има елементи кои ќе мора да ги коригираме. Системот ќе се усовршува, отворени сме за подобрување“, додаде министерот.
Тошковски истакна дека во наредниот период ќе се одлучи колкава ќе биде толеранцијата при прекорачување на брзината, додавајќи дека во различни земји во Европа таа варира од нула до 10% од дозволената брзина.
Во однос на странските возила, министерот објасни дека и тие ќе бидат казнувани.
„Странските возила при излез од Македонија нема да можат да бидат спречени да ја напуштат земјата, но ќе бидат информирани дека нема да можат да влезат повторно ако не ја платат казната. Ова е дел од утврдените процедури“, рече Тошковски.
Тој нагласи дека од системот не се изземени ниту јавни функционери.
„Министри веќе биле казнети – најмалку тројца. Имињата не би ги споменувал сега. Додека се возат службено или со полициска придружба не може да бидат казнети, но ниту ние, кога се возиме приватно, нема да бидеме поштедени од одговорност“, додаде министерот.
