Македонија

Тошковски: Граѓаните и институциите покажаа зрелост – Македонија имаше едни од најмирните избори во историјата!

Тошковски: Граѓаните и институциите покажаа зрелост – Македонија имаше едни од најмирните избори во историјата!

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на денешната прес-конференција ги презентираше податоците за текот на изборниот ден на вториот круг од локалните избори, нагласувајќи дека процесот се одвивал мирно и без сериозни инциденти. Тој посочи дека, иако имало неколку пријавени настани, ситуацијата била под контрола на институциите и МВР.

„Изборниот ден мина без сериозни инциденти. Ова е уште една потврда дека граѓаните, институциите и МВР покажаа зрелост и одговорност, и Македонија имаше едни од најмирните избори во историјата. Упатуваме благодарност до сите полициски службеници, како и до сите учесници на изборниот процес. Гласањето започна навреме на сите гласачки места, освен во 9 каде што почна со мали задоцнување, а на 8 избирачки места имаше привремени прекини на гласањето.

Во текот на денешниот ден пријавени се вкупно 30 настани, најмногу во Скопје. Најчести пријави имаше за агитирање во близина на гласачки места вкупно седум случаи, потоа можен поткуп при избори и гласање 5 настани, неовластано присуство на гласачко место четири пријави. Забележани изолирани случаи на спречување на гласање, фотографирање на гласачко ливче, неовластено фотографирање на граѓани, како и поединечни настани со упатени закани. По преземените проверки, во 19 од 26 случаи, наводите не се потврдени, а во другите случаи беа изготвени записници и преземени соодветни мерки. Во четири случаи во моментов траат проверките.

Секторот за компјутерски криминал регистрираше 18 објави на социјални мрежи, кои се анализираат и се постапува согласно законските процедури. Сите пријави беа обработени со целосна одговорност и професионалност. Од она што е најважно е дека денот помина мирно, без сериозни инциденти. Тоа е заеднички успех на сите. Денеска уште еднаш покажавме дека Македонија може да организира избори како што доликуваат на сите модерни демократии“, изјави Тошковски.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни