Трагична несреќа се случила синоќа во Гостивар, каде што 14-годишно девојче го загубило животот откако паднало од лулашка во градски парк. И покрај брзата лекарска интервенција, лекарите не успеале да ѝ го спасат животот.
Од Министерството за внатрешни работи информираа дека на 9 јули во 20:20 часот во СВР Тетово, од Медицинскиот центар Гостивар било пријавено дека во болницата без знаци на живот била донесена Ш.Н. (14) од Кавадарци, која престојувала во Гостивар.
Според првичните информации, малолетничката паднала од лулашка во парк во Гостивар, по што веднаш била пренесена во Медицинскиот центар. Во 20:55 часот дежурен лекар констатирал смрт.
За случајот бил известен јавен обвинител, кој наредил телото на девојчето да биде предадено на обдукција, со цел да се утврдат точните причини за смртта.