Трагедија ја погоди италијанската општина Лука, откако четири члена на семејство беа пронајдени починати во својот дом во Поркари. Жртвите се таткото Арти Кола (48), мајката Јонида (43), нивниот 22-годишен син Хајдар и 15-годишната ќерка Џесика. Првичните информации укажуваат дека причината за смртта е истекување на јаглерод моноксид, најверојатно од неисправен бојлер.
Случајот го пријавила нивна роднина, која не успеала да стапи во контакт со семејството. По пристигнувањето на карабињерите и отворањето на вратата, тие откриле четири безживотни тела. Роднината, која била со нив, се онесвестила поради присуство на гас и била пренесена во болница во критична состојба, додека карабињерите почувствувале лесна интоксикација.
Градоначалникот на Поркари, Леонардо Форначиари, ја изрази својата длабока загриженост и шок од трагедијата која ја потресе локалната заедница.
„Јавното обвинителство нареди запленување на куќата. Во следните часови, карабинерите заедно со пожарникарите ќе проверуваат дали бојлерот бил регистриран, правилно инсталиран и дали поминал потребни инспекции“, известуваат италијанските медиуми.
Семејството неодамна се вселило во куќата, таткото, по професија молер, делумно ја реставрирал со помош на пријатели.
