Трајановски се пожали за ЈПДП: Претпријатието го презедов со големи долгови и договори со високи суми

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски се пожали дека затекнал многу лоша финансиска состојба со неплатени сметки, договори со многу високи цени, како и долгови. Рече дека засега успеале нешто да доведат во ред како и да ја зголемат наплатата на патарините, но не спомна ништо околу спроведувањето на важните проекти за коридорите 8 и 10 Д како и автопатот Кичево – Охрид.

-Во наплатата на патарините, ако направиме споредба јули 2023 со јули 2024, значи имаме во јули 2024 66 милиони поголема наплата во однос на минатата година. И уште нешто сакам да потенцирам значи има потпишано договори со многу високи цени. Само една цена ќе кажам за споредба. За ангажирање на стручен електроинженер од висока стручна спрема за еден час работа е од 30 илјади денари, скоро 500 евра за еден час работа.
Министерот за транспорт Александар Николовски рече дека со Трајановски се разговара за проектите на Коридорите 8 и 10 Д и автопатот Охрид-Кичево, вели Коце Трајановски, директор на ЈПДП.

-Имаме неделни состаноци за двата најкрупни проекти, едниот е финализирање на автопатот од Охрид до Кичево и вториот е почеток и забрзување на работите на автопатските решенија кои што се дел од коридорот 8 и коридорот 10, пред се тука е Прилеп – Битола, Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани, а во следниот период секако ќе доаѓаат и другите проекти кои што ги работи Јавното претпријатие за државни патишта, вели Александар Николовски, министер за транспорт и врски.

ВМРО-ДПМНЕ пред изборите критикуваше дека ништо не се работи на Коридорите 8 и 10Д, но сепак, најава дека наскоро би можело да почнат работите нема ниту сега бидејќи се уште се работи на потребната експропријација и дислокација на електрични водови. Неодамна Трајановски рече дека очекува Бехтел и Енка да влезат на терен и да почнат со работа околу Нова година.