Инвестиционите сметки на претседателот на САД Доналд Трамп реализирале повеќе од 21.000 зделки со акции и други хартии од вредност во период од една година, покажува анализа на германското списание „Шпигел“, заснована на неговата 900-странична декларација за имотната состојба. За споредба, неговиот претходник Џо Бајден пријавил само 13 трансакции со хартии од вредност за целиот свој четиригодишен мандат.
Според наводите, декларацијата открива средства со приходи од криптовалути над 1,4 милијарди долари, значајни дивиденди, бројни недвижности, златни слитки и сметки за тргување со парични средства над 100 милиони долари. Документот содржи и податоци за добиени подароци, меѓу кои 10 билети за Светското првенство во фудбал во вредност од 15.000 долари, обезбедени од претседателот на ФИФА Џани Инфантино.
Анализата на „Шпигел“ наведува дека преку вкупно осум инвестициони сметки во разгледуваниот период биле купени хартии од вредност во износ меѓу 461 милион и 1,4 милијарди долари, додека продажбите изнесуваат меѓу 138 милиони и 433 милиони долари. Поточна проценка не е можно да се направи, бидејќи во декларацијата износите се наведени во широки опсези.
Особено интензивна трговија била забележана на 8 април 2025 година, кога биле извршени 327 налози за купување, меѓу кои и на акции на „Епл“ и „Енвидија“. Ден претходно, администрацијата на Трамп објави нови царини на увозот, што предизвика пад на финансиските пазари. Веќе следниот ден Трамп објави на социјалните мрежи порака: „Сега е одлично време за купување!“, по што привремено одложи дел од царините. Потоа, акциите на „Епл“ поскапеа за околу 15 отсто, а на „Енвидија“ за близу 19 отсто.
Друг ден со висока активност бил 23 јули 2025 година, кога Белата куќа го претстави „Планот за дејствување во областа на вештачката интелигенција“. Според „Шпигел“, истото попладне биле реализирани 255 купувања, при што значителен дел од средствата бил насочен кон компании што развиваат технологии поврзани со вештачката интелигенција.
Изданието нагласува дека нема докази за причинско-последична врска меѓу инвестиционата активност и политичките одлуки на претседателот. Портпарол на Белата куќа изјавил дека инвестиционите сметки се управувани целосно од независни финансиски институции и без вмешување на претседателот. Сепак, „Шпигел“ забележува дека Трамп очигледно е запознаен со клучните позиции во составот на своите вложувања, бидејќи лично ја потпишува годишната имотна декларација. Дополнително, како претседател тој има можност преку јавни изјави и политички потези да влијае врз движењата на финансиските пазари.