Американскиот претседател Доналд Трамп денеска им се придружи на светските лидери на самитот на Г7 во Франција, каде што најави дека по претставувањето на прелиминарниот договор за ставање крај на војната со Иран, неговиот фокус ќе биде насочен кон прекин на конфликтите во Украина и Либан.
Откако обезбеди договор со Иран, Трамп изјави дека сега ќе се обиде да придонесе за постигнување мир меѓу Украина и Русија, како и за запирање на борбите во Либан.
„Вчера имавме многу добар разговор со претседателот Володимир Зеленски и со претседателот Владимир Путин и мислам дека на тоа поле можеби можеме нешто да направиме. Навистина го мислам тоа. Мислам дека и двајцата се отворени за таква можност“, изјави Трамп.
На самитот во француското одморалиште Евијан-ле-Бен, Трамп треба да учествува и на работен состанок со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Позицијата на Зеленски, според оценките, е подобрена во однос на минатата година, кога Трамп му порача дека „нема адути во рацете“. Во меѓувреме, руското напредување на фронтот е забавено, а Украина бара дополнителна воена и финансиска поддршка од своите сојузници по серијата напади врз Киев.
Од своја страна, Зеленски денеска изјави дека му понудил на рускиот претседател Владимир Путин средба за време на самитот на Г7 со цел разговори за завршување на војната која трае повеќе од четири години, но дека Путин не бил подготвен за таков состанок.
Сепак, останува неизвесно дали Зеленски ќе успее да обезбеди поголема американска поддршка, бидејќи Трамп во моментов приоритет му дава на финализирањето на договорот поврзан со Иран, конфликт кој влијаеше и врз неговиот рејтинг во САД.
Лидерите на земјите од Г7, според аналитичарите, сè почесто го гледаат Трамп како непредвидлив партнер, особено поради неговите еднострани одлуки кои имаа значително влијание врз состојбите на Блискиот Исток, глобалната трговија и меѓународната дипломатија.
Покрај војните во Источна Европа и на Блискиот Исток, лидерите на Г7 на самитот од 15 до 17 јуни ќе разговараат и за глобалните економски нерамнотежи, обезбедувањето алтернативни извори на критични минерали наместо зависноста од Кина, како и за прашањата поврзани со развојот на вештачката интелигенција.