Претседателот на Собранието, Африм Гаши на гостување во ТВ Сител, зборуваше за последните инциденти.
Тој рече дека требало да се упати на аеродромот кога минувала претседателката Вјоса Османи, но кога видел дека ситуацијата се расчистила, се откажал од намерата, а тоа е причината зошто неговото обезбедување било таму.
„Треба некој друг да се извинува за насловите во медиумите, јас имам чиста совест дека со ништо не сум предизвикал хистерија во јавноста. Ако гледате во суштината на интерпелацијата, не се работи за работата во Собранието, туку повеќе тривијални теми за кои медиуми сакаат лајкови. Делот со моралната одговорност сум со чиста совест, убеден сум дека најдостоинствено ја работам својата работа. Пратениците ќе кажат утре, каква одлука ќе донесат, да ја почитувам“, изјави Гаши.
Тој потоа се осврна на инцидентот на скопскиот аеродром.
„За жал многу медиуми известуваа неточно. Моето обезбедување, припадници на МВР се должни да заминат каде што јас ќе ги упатам. Имав информации дека при доаѓањето на косовската претседателка може да се случи инцидент. Се познаваме ние од Балканот, се познаваме по тоа дека сме гостопримливи и едноставно не сакав со ништо да се наруши имиџот на нашата земја. Имав информации дка може да дојде до потежок инцидент. Реагирав, и кога сакав да тргнам накај аеродромот, слушнав дека се е решено. Не дојде до поголем инцидент, а да имаше поголем инцидент ќе беше полошо“, изјави Гаши кој за извештајот на МВР околу шефот на неговото обезбедување вели:
„Извештај или утврдена ситуација е нешто друго. Не сакам да разговарам за овластувањата на обезбедување. Само кажав дека кој згрешил ќе одговара, но се чувствувам убаво што се спаси поголем инцидент“, рече Гаши.
Пото се осврна и за инцидентот со поворката за свадба на граничниот премин Блаце.
„Не се точни информациите. Сите контроли се поминати по закон. Јас сум ги известил и сите органи и МВР и МНР 2-3 дена претходно сите пасоши беа скенирани, фотографирани, испратени таму. Се поминати пасошите на границата. Ми бараа податоци од моето семејство кои беа со мене и јас им ги дадов. Се е според процедура“, изјави Гаши.

