Пратеничката од СДСМ, Јована Тренчевска, истакна дека усвојувањето на предлог-законот за укинување на ДДВ на основните прехранбени производи ќе овозможи заштеда од до 2.000 денари месечно за граѓаните. Со законот ќе се опфатат повеќе од 250 производи, за кои ДДВ ќе се намали од 5% на нула, што ќе доведе до намалување на малопродажните цени и пониска потрошувачка кошничка.
Тренчевска посочи дека оваа мерка нема да ги оптоварува компаниите, како што беше случај со владините мерки за замрзнување на маржите, кои не донесоа значајни резултати. Таа ги повика пратениците, вклучително и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, да го поддржат законското решение, бидејќи тоа е во интерес на граѓаните и ќе го подобри животниот стандард.
„Граѓаните немаат време да чекаат, трошоците за живот растат секој месец. Потребни се реални и системски решенија“, нагласи Тренчевска. Таа апелираше на единство и поддршка за оваа мерка од сите пратеници, без разлика на политичката припадност.