Во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска продолжува расправата по предложениот ребаланс на Буџетот за 2025 година. Ова е трет ден од дискусијата, која ја одбележуваат силни несогласувања помеѓу пратениците од владејачкото мнозинство и опозицијата.
Според претставниците на власта, ребалансот ја рефлектира стабилната и одговорна економска политика на Владата. Тие истакнуваат дека измените овозможуваат зголемување на средствата за плати, пензии и капитални инвестиции. Опозицијата, пак, ребалансот го гледа како обид да се прикријат пропустите во управувањето со јавните финансии и предупредува на ризикот од ново задолжување и потенцијална загрозеност на економската стабилност.
Заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, на првиот ден од расправата посочи дека измените се во насока на подобро управување со јавните средства, со задржување на буџетскиот дефицит на исто ниво. Според него, фокусот е ставен на фискална консолидација и непречено извршување на буџетските обврски без промена на основните макроекономски претпоставки.
„Целта е да се обезбедат средства за исплата на плати, пензии, програмски и проектни активности, како и рационално искористување на средствата од претходните години“, рече Јанкуловски.
Со ребалансот, вкупните буџетски приходи се проектирани на 362,4 милијарди денари, а расходите на 403,7 милијарди денари – за еден процент повеќе од првично планираното. Буџетскиот дефицит останува непроменет на 41,3 милијарди денари или 4 проценти од БДП.
Проекцијата за раст на БДП останува 3,7 проценти, а инфлацијата се очекува да достигне 2,8 проценти. Капиталните расходи се планирани на 47,5 милијарди денари, додека јавниот долг се проектира на 62,1 процент од БДП до крајот на годината. Невработеноста, според очекувањата, ќе се намали на 11,1 процент, а вработеноста ќе достигне 47 проценти.
Предвидена е и реалокација на средства меѓу буџетските корисници. Особено се издвојува Министерството за внатрешни работи, каде се обезбедени средства за зголемување на платите за 10 проценти. Обезбедени се и дополнителни средства за исплата на зголемени пензии, како и околу 300 милиони денари за капитални инвестиции.
Расправата по ребалансот почна на 2 јули, а до Комисијата се поднесени над 200 амандмани, што најавува продолжување на дебатата и во наредните денови.